Добродојдовте

Менса Македонија е дел од Mensa International , меѓународното здружение на луѓе со висок коефициент на интелигенција. Тоа, пред се, е друштво на пријатели - збир на луѓе од различно потекло, карактер, старост, со различни професии и полиња на интерес.

Основни информации за Менса Македонија

 

Менса Македонија е организација на граѓани на Република Македонија со натпросечна интелигенција. Менса Македонија е непрофитна, доброволна, независна и непартиска организација на граѓани со натпросечна интелигенција, без разлика на нивната религија, пол, националност, возраст, образование, политички убедувања и социјална положба.

 

Член на Менса Македонија може да биде секој државјанин на Република Македонија, кој што на надгледуван и стандарден тест за интелигенција постигнал резултат што е во горните 2% од вкупната тестирана популација и кој доброволно ќе пристапи, на покана од Менса Македонија.

 

Првите посериозни обиди за формирање на Менса Македонија започнаа во 1997 година, а по МЕМЕ2 - Меѓународната Менса средба за Средна и Југоисточна Европа (Софија, мај 1999) членовите на Менса од Р. Македонија донесоа одлука да се организира Менса тестирање во нашата земја.

 

Така, првото Менса тестирање се одржа на 6ти Ноември 1999та година под надзор на тогашниот извршен директор на Mensa International.

 

Историското основачко Собрание на Менса Македонија се одржа на 04.12.1999 година, во еден амфитеатар на Филолошкиот факултет. По цели 4 часа работа, официјално се основа организацијата и беше усвоен Статутот и органите на Менса Македонија. На 11 февруари 2000 година, Менса Македонија беше запишана во регистарот на здруженија на граѓани и фондации под Рег. бр. 693. До крајот на месец мај траеше регистрација на организацијата во другите институции (Републичкиот завод за статистика, Заводот за платен промет и Управата за јавни приходи). На почетокот на јуни, Менса Македонија конечно ги заврши сите законски постапки за регистрација и започна со интензивна работа, тестирања, привлекување на членство, работа на СИГ-овите и други редовни активности.

 

Менса Македонија остварува соработка и одржува врски со голем број слични организации на Балканот, Европа и светот, користејќи ги нивните позитивни искуства.

 

Сите членови на Менса Македонија имаат еднакви права и привилегии.

 

Членовите на Менса Македонија се со различно културно-цивилизациско наследство и имаат различни ставови. Во склад со тоа, Менса Македонија не застапува ниту еден од тие ставови како став на Менса Македонија, таа не смее да делува политички, ниту пак да остварува соработка со други здруженија или организации на религиозна, политичка, идеолошка или национална основа.

 

Менса Македонија не смее ниту внатре, ниту надвор од неа јавно да ги открие коефициентите на интелигенција на своите членови. Доколку некој член сака да го открие својот коефициент, тој тоа може слободно да го стори.

 

Според правилата на Менса Интернатионал ниеден член на Менса Македонија не може истовремено да биде член на Менса Интернатионал и на Менса Македонија, ниту пак може да биде член на повеќе од една национална Менса.

 

Во согласност со Статутот на Менса Македонија, досега беа основани повеќе локални групи на Менса Македонија во поголемите градови. Целта на формирањето на локалните Менса групи е преземање на дел од активностите на Менса Македонија на локално ниво, при што тие не претставуваат посебен правен субјект, туку дејствуваат во рамките на Менса Македонија.

 

 

Тест за вежба